Saturday, February 10, 2018

​ НЕКОЛКУ КОРИСНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПОСТАПКАТА ЗА МЕДИЈАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА


НЕКОЛКУ КОРИСНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА ПОСТАПКАТА ЗА МЕДИЈАЦИЈА ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Медијацијата е постапка на решавање на спор во кој на две или повеќе спротивставени страни им се овозможува спорниот однос да го решат по пат на преговарање, на мирен начин, со посредство, помош на еден или повеќе лиценцирани медијатори.
Медијацијата е алтернатива за судската постапка преку која се обезбедува демократското право на избор на страните во спорен однос, самите да одлучат како ќе најдат разрешница на тој спор.
Страните имаат право да изберат дали спорот ќе го решат пред надлежен суд со поднесување на тужба или по пат на преговарање со посредство на трето неутрално лице медијатор, односно дали спорниот однос ќе го решат според правилата на судската постапка која е строго формална постапка, уредена со закон или на еден покреативен начин, во неформлна и доверлива постапка како уникатна можност која треба да овозможи да се задржи или повторно воспостави иден коректен однос на учесниците во спорот или деловна соработка на бизнис партнерите истовремено зачувувајќи ги и личните и заемните интереси.
Човековата природа е таква да во текот на еден работен и воопшто животен век секому може да се случи да западне во спорен однос од безброј причини, без оглед дали сме го предизвикале настанувањето на спорот или пак сме се нашле во спорен однос без лично влијание или вина. За да се создадат поволни услови за негување и зачувување пред се на добрите меѓучовечки односи и на континуитетот на корисните бизнис релации помеѓу деловните партнери, никогаш нема да се направи грешка доколку решение на спорот се побара во постапка на медијација, со посредство на лиценциран медијатор.
Медијацијата како начин на решавање на споровите постои во нашата држава уште од 2006 година, меѓутоа традицијата да се решаваат споровите пред суд бавно и тешко се менува. Во контекст на овој неспорен факт, со донесувањето на Законот за Медијација во 2013 година, како и со најновите измени во Законот за Парнична постапка од јули 2015 година, кои се применуваат од февруари 2016 година, согласно позитивните искуства на земјите од поразвиените региони во Европа, каде медијацијата многу успешно се практикува и дава неверојатно добри резултати на брзо и ефикасно решавање на споровите, превземени се порешителни чекори во промовирање на медијацијата, со воведување на задолжителен обид за медијација за стопанските спорови, пред поведување на судската постапка, кои се однесуваат на парично побарување до 1.000.000,оо денари, а за кои постапката се поведува со поднесување на тужба пред надлежен суд. Овој потег не е воопшто осамен со оглед да во повеќе од десет држави кои се членки на Европската Унија и ја имаат имплементирано Европската директива за медијација бр.52/2008 воведен е задолжжителен обид на медијација за одредени граѓански спорови.
Според нашиот Закон за Медијација, во постапка на медијација можат да се решат следните видови спорови : имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, како и други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување.
Во постапка на медијација неможат да се решаваат следните спорови : развод на брак, утврдување или оспорување на татковство или мајчинство, статусни постапки за стечај и ликвидација, вонпроцесните постапки кои всушност и не се сметаат за спорни и се поведуваат со предлог (физичка делба, уредување на меѓа, оставински постапки, утврдување надоместок за експроприран имот, задолжително лекување во установа или на слобода, прогласување на исчезнато лице за умрено, давање на дозвола за склучување на брак на малолетно лице) и во други случаи на спорови каде медијацијата не би била подобна за да се реши одреден спор.
Во постапките на медијација, согласно чл.2 од Законот за Медијација (Сл.весник на РМ бр.188/13,148/15,192/15 и 55/16) како трето неутрално лице, може да посредува и постапката да ја спроведе единствено лиценциран медијатор кој поседува лиценца за медијатор издадена од Одборот за медијација при Министерството за Правда на РМ, кое ги има исполнето условите за извршување медијаторски работи согласно чл.46 од Законот за Медијација.
Посредувањето од страна на лице кое не поседува лиценца за медијатор нема правна важност па и евентуално постигнатите спогодби или издадени потврди/изјави од лица кои не поседуваат лиценца за медијатор, нема да произведат правно дејство
Доколку се интересирате да дадете иницијатива за решавање на спор по пат на медијација, или пак можеби имате нерешен стопански спор за кој според одредбите од ЗПП предвиден е задолжителен обид на медијација, потребно е најпрво да изберете медијатор од редот на лиценцираните медијатори објавени на Листата на лиценцирани медијатори на интернет страната на Министерството за Правда http://www.pravda.gov.mk/documents/Lista%20na%20lica-medijacija_03.pdf
Информации за постапката на медијација може да добиете доколку се обратите кај секој од лиценцираните медијатори кои ќе Ви го објаснат значењето на постапката на медијација, ќе ве запознаат со целите на медијацијата, улогата на медијаторот и правилата и трошоците на постапката. На листата на медијатори се објавени мобилните броеви и емаил адреси за секој од медијаторите лиценцирани за извршување медијаторски работи.
Надлежноста на лиценцираните медијатори е на целата територија на државата, па така местото каде избраниот медијатор ја извршува својата дејност воопшто не е пречка за заинтересираните страни кои живеат на друго место различно од она каде медијаторот има канцеларија, да се обратат до истиот доколку имаат доверба токму во тој медијатор да посредува во решавањето на одреден спор.
Иницијатива за поведување на постапка на медијација дава било која од страните во спор (без оглед дали имате некое побарување спрема друго лице или пак вие должите некому)
Во постапката на медијација, секоја страна си го застапува својот интерес лично, доколку е физичко лице односно преку законскиот застапник / овластеното лице кај правното лице како страна во спор, но може да се користи и правна помош од полномошник адвокат или друго лице кое согласно чл.81 од ЗПП може да биде ангажирано како полномошник и во постапката на медијација и ќе ги застапува интересите на страната (властодавецот) исклучиво во рамките на делокругот на овластувањата кои му се дадени за преговорите кои ќе се водат низ сите фази на медијацијата.
Улогата на полномошникот адвокат, при посредувањето во постапката на медијација е од големо значење особено при решавањето на стопанските спорови со оглед дека овие спорни односи се предвидени и уредени пред се во Законот за облигациони односи и Законот за Парнична постапка кои се основни законски алатки што многу добро и вешто им се познати на адвокатите и ги користат во своето работење.
Медијацијата се иницира со поднесување на писмено барање до избраниот медијатор http://www.akademik.mk/mirno-reshavanje-na-sporovi-obrazets-za-barane-za-medijatsija-i-obrazets-za-polnomoshno-zastapuvane/ кое треба да ги содржи неопходните податоци од кои може да се заклучи кој ја иницира постапката , против кого за каков вид според однос се рабооти и која е вредноста на спорот. Кога иницијатор на постапката на медијација е физичко лице во прилог на барањето се доставува и копие од лична карта а доколку е правно лице се доставува тековна состојба како за иницијаторот така и за спротивната страна заради утврдување на статусот на правното лице во правниот промет.
Кога во постапката на медијација интересите на страната ги застапува полномошник согласно одредбите од ЗПП, кон Барањето за спроведување на постапката на медијација, во прилог се поднесува и Полномошно за застапување во постапка на медијација со точно одреден делокруг на овластувања за полномошникот, за неговото директно учество во преговорите кои се од доверлива природа, нејавни и треба да доведат до решавање на спорот.
При доставување на барањето за спроведување постапка на медијација, немора веднаш во прилог да се доставуваат и писмени документи. Ако спротивната страна, односно страната до која е упатена поканата за учество во постапка на медијација ја прифати поканата, тогаш, медијаторот е должен да ги извести и двете страни во спорниот однос дека доколку имаат намера во преговарањето да користат одредени писмени документи (акти, вешт наод, проценка и сл.) истите да ги достават до медијаторот пред одржувањето на првата средба на преговарање и да дадат согласност истите да се употребат во постапката .
Секоја од страните учеснички во медијацијата, без оглед што има дадено изјава за согласност за учество во медијација, има право да отстапи од понатамошно преговарање во било која од фазите на медијација за што има обврска да го извести медијаторот кој посредува во постапката.
Интенцијата на медијацијата е постигнување заемна спогодба која ќе обезбеди win – win ситуација помеѓу страните. Во знак на постигнатата согласност за заемното спогодување, двете страни и медијаторот ќе ја потпишат писмено изготвената спогодба, со што медијацијата ќе се смета дека е успешно завршена. Доколку секоја од страните ги оствари своите права односно ги исполни своите обврски при постигнувањето на спогодбата, спогодбата ќе се смета за целосно реализирана и нема потреба ваквата спогодба да се солемнизира кај нотар. Доколку спорот бил решен со спогодба во која за едната страна произлегле обврски кои треба да се исполнат во одреден временски период, пожелно е заради обезбедување на побарувањето во постапка за присилно извршување, за да добие својство на извршна исправа, постигнатата писмена спогодба потребно е да се солемнизира кај нотар.
Трошоците за солемнизација на спогодбата постигната во медијација кај надлежен нотар се уредени во посебна одредба од Нотарскиот тарифник со оглед да медијацијата е поефтина постапка, па предвидени се и се пониски тарифи во однос на тарифите за сите останати договори кои заради извршност подлежат на солемнизација.